Движењето против полициска бруталност денеска одржа мирен протест на традиционалното собирно место зад спомен – куќата на Мајка Тереза, без воопшто да одржи протестен марш низ улиците на Скопје. Од средбата произлегоа следниве заклучоци:
- Движењето не е организатор и се оградува од денешните протести низ улиците на Скопје. Ние најостро ги осудуваме навредите и говорот на омраза кои на овие протести беа искажани кон нашите сограѓани Македонци, како и оние структури кои манипулираат со гневот на граѓаните, сакајќи истиот тој гнев од неодговорните постапки на државните органи, функционери и службени лица, да го насочат кон подгревање на меѓуетнички тензии. За дисфункционалниот систем, кој продуцира полициска бруталност, не се одговорни ниту Македонците, ниту Албанците, ниту било кој човек кој чесно и со мака си го заработува својот леб, туку нивните политички елити, кои 20 години не успеваат да изградат полиција, која нема да ги репресира, туку ќе ги штити и ќе им служи на граѓаните. Во таа насока,ние најостро ги осудуваме сите оние кои се обидуваат да манипулираат со чуствата на граѓаните и од овој последен настан да влечат политички поени.
- Движењето ќе достави барање до сите политички партии застапени во Собранието на Република Македонија за повторна интерпелација на министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, кога за тоа ќе се создадат законски услови (истекување на рокот од претходната интерпелација);
- Движењето ќе подготви претставка, како што направивме и за време на протестите за Мартин Нешковски, во кој ќе ги претставиме сите факти и сведоштва за убиството на нашите двајца сограѓани од Гостивар, со цел да ги информираме граѓаните што навистина се случило. Сметаме дека голем дел од граѓаните, поради моменталните состојби во медиумскиот простор, немаат пристап до сите информации за овој случај;
- Движењето ќе подготви он-лајн петиција, која ќе ги содржи познатите и конкретни барања, усвоени во Јуни, за морална и политичка одговорност на функционерите на МВР, и за промена на законските акти, со цел воспоставување независна контрола врз работата на Министерството, и механизми кои ќе овозможат полицијата да се однесува попрофесионално и поодговорно. Бараме поддршка од сите граѓани, што помасовно да ја потпишат оваа петиција, за да создадеме што поголем притисок кон институциите;
Во оваа насока, Движењето ќе подготви и конкретни предлози за законски акти кои ќе ги застапуваме во јавноста, за кои ќе побараме поддршка од граѓаните, и кои ќе ги доставиме до надлежните институции;
Движењето повторно ги повикува сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната политичка, етничка, верска или родова припадност, достоинствено да го изразуваат својот револт од оваа состојба, и да се активираат на сите мирни и ненасилни начини кои им стојат на располагање, a пред се делување и конкретни активности по институционален пат.
Заедно сме посилни!
Со почит,
Координативно тело на Движењето „Стоп за полициската бруталност“
Поминаа повеќе од седум месеци од големите протести против полициската бруталност, а и понатаму сме сведоци на ароганцијата и континуираното игнорирање од страна на сите државни институции. Автентичното граѓанско движење протестираше токму поради лагите, прикривањето на убиството, неутврдувањето и непреземањето на командна одговорност од страна на раководните структури на МВР. Но, кога државата целосно потфрла, институциите се самоамнестираат од одговорност, кога вие одлучувате дека Мартин Нешкоски не ви бил близок роднина за да излезете на улица и да протестирате – тогаш Бог ви е сведок!
Ние како Движење против полициската бруталност, стоиме на ставот дека во Македонија, ниту власта ниту опозицијата, ниту која било политичка елита, не се заложи за детално расветлување на овој случај. И покрај законските и други можности кои им се на располагање, политичките елити, а пред се опозицијата, не покажаа никаков интерес за иницирање на предлози за реформи во МВР и релизирање на дел од нашите барања. Движењето, и понатаму ќе остане да се залага за формирање на независно цивилно тело кое ќе ја контролира работата на МВР. Во отсуство на интерес и поддршка од домашните фактори, ние отворено бараме поддршка од меѓународните организации и заедница.
Право и правда не е’ исто, а и покрај изречената пресуда за Игор Спасов целосно се потврди дека во Македонија отсустуваат и двете. Обвинителството со непроширувањето на истрагата потврди дека работи според инструкции на извршната власт и не се бори за правдата. Поради тоа ние ја поддржуваме поднесената Супсидијарна жалба.
На крајот, ја информираме јавноста дека во иднина ќе ја прошириме нашата мисија на делување и како авангардно и автентично движење во Р. Македонија ќе дејствуваме во повеќе политички сфери. Ова движење ќе постои се додека има полициска бруталност во државата, а нашето политичко дејствување со проширена мисија и активности ќе продолжат и во иднина, за подобро утре на нас и идните генерации.
Почитувани, на 2 декември во 12 часот (петок) ќе се одржи ПРОТЕСТ пред Основниот суд Скопје 1 за време на последното рочиште од главниот претрес во судскиот процес за убиството на Мартин Нешкоски. По завршетокот на рочиштето, нашето Движење ќе даде официјална изјава во врска со досегашниот тек на судењето. Ги повикуваме сите граѓани на РМ да одделат еден час од своето време и да ни се приклучат во изразување на револтот поради упорното прикривање на вистината за случувањата од 6.6.2011.
Во име на барањето на ПРАВДА, дојдете барем на еден час, пред Основен суд 1 во петок, точно на пладне.
Се сретнавме и разговаравме на темата како преку граѓански активизам и реформа на МВР до подобро општество. Освен мене како една од оние кои бараа правда на улиците на Скопје и пошироко, панелисти беа и г. Трипун Танушески – Заменик народен правобранител на Р. Македонија, проф. д-р Мирјана Најчевска – експерт, активист и бранител на човековите права и проф. д-р Гордан Калајџиев – експерт, Претседател на Македонскиот хелсиншки комитет. Министерката како што и најавив во најавата за трибината не се појави, а инфантилниот одговор како изваден од ВМРОгенератор кој го скопила нејзината PR екипа можете да го видите овде. Овој одговор самиот по себе е пример како да се води лоша и деструктивна политика, нема што да се коментира.
*За видеата: За жал останавме без видео од целата трибина, ова се единствените 5 видеа кои можев да ги најдам од публика (овде прикачените). Кратки се и нецелосни, но сепак се нешто. И благодарам многу на Јасна.
Системска грешка или инцидент
Г-динот Танушески како представник на народниот првобранител, односно како некој кој ги застапува ставовите на тоа тело, на трибината дојде со четири листа А4 формат, испишани од од г-динот Иџет Мемети и замоли да ги прочита затоа што таков е протоколот. Накратко од тие четири листа можам да извадам неколку точки; Според народниот првобранител законската регулатива во однос како се контролира МВР и како се справува со случаите е во ред, ваквите случаи се инцидентни и можат да се издвојат и оправдаат на идивидуално ниво, а грешката за тоа, наместо во законската регулатива треба да се бара во тренингот и обуката на полицијата. На крај, додаде дека јавниот првобранител се труди и учествува во ваквите случаи.
Видео од дел од текстот:
Со овој став дека случаите се инцидентни и изолирани не се сложувам ни јас, а со г-динот Танушески не се сложија ни проф. д-р Најчевска и проф. д-р Калајџиев. Против тој аргумент има неколку контрааргументи:
- Континуирано повторување на случаи на полициска бруталност во овие 20 години;
- Начинот на конрола на МВР, што како што кажа проф. д-р Калајџиев, самото МВР го креира законот за како ќе се контролира, остава голем простор за прикривање и злоупотреба.
- Користењето на полицијата како продолжена рака на власта, не тренирање и не обучување на истата за хуаманизација и правилно постапување.
- Односот на властите по ова прашање чие ниво на „затварање на ушите“ може да се види по одговорот на поканата на трибина.
Видео од дел од излагањето на проф. д-р Калајџиев:
На трибината од публиката дознавме дека после иницијалните курсеви, полицијата не добивала никакви тренинзи да дообучување, нивно хуманизирање и начини на правилно однесување, туку се оставени сами на себе, односно да учат од постарите генерации. Овој аргумент исто така оди во прилог на тоа дека грешката е сепак системска. Оваа изјава дојде од една г-ѓа во публиката која рече дека работи во истите простории со центарот за обуки кој ја обучува полицијата. Се извинувам ако не е целосно точно работното место, не успеав да запамтам се.
Има ли некаква шанса граѓанскиот сектор во Македонија
Одговорот на сите беше дека во моментов се црни времиња за граѓанскиот сектор. Воопшто нема пристап да учествува во креирањето на политиките што е негово право, а ако во моментов си велите не е така, прочитајте го пак одговорот на министерката. Најдоле јасно ви пишува, дека се што можете да добиете е еден отворен ден каде можете да кажете по нешто што ќе биде примено со пола уво.
Не се само нашите протести пример за јачината на на тој мрак. Во последните години, сите активисти биле пречекани само со етикетирање, здушување па и ќотек, но во никој случај, власта не ги отвори вратите да ги послуша тие млади или постари граѓани и да им дозволи да замешаат прсти во креирањето политики.
Дали се работи за его, или едноставно незнаење не можам да се одлучам.
За да може да се учествува и да се промени нешто, мора да има дијалог. Од едната страна активистите или граѓанскиот сектор, движечката сила кон подобро, а од другата страна власта, оние кои имаат моќ да ги имплементираат промените. Ние во нашиот случај наидуваме на ѕид: простор за дијалог нема. Игнорирани сме, и тоа е искористено против нас како како оружје. „Чекајте, ќе им здосади на децава ако ги игнорираме доволно долго, ќе престанат“.
Два коментари од публиката за слободата на граѓаните и нивната можност да менуваат:
Насилните и ненасилните протести и механизмот за промена
Проф. д-р Најчевска зборуваше за Велика Британија која има историја на брутални и крвави протести, кои помогнале или биле директна причина за креирањето на механизмот кој работи во корист на граѓанскиот сектор. Поради тој механизам, граѓаните имаат можност да учествуваат во секој дел од креирањето политики каде мислат дека има потреба, менувањето на законите, предлагање нови итн.
Понатаму, проф. д-р Најчевска рече дека поради историјата на такви протести во повеќе земји кои се случувале во минатото, Македонија во ова денешно време не би требала да поминува низ истото, односно да го поминува истиот крвав процес за да се креираат истите механизми.
И проф. д-р Најчевска и проф. д-р Калајџиев, рекоа дека во Македонија воопшто не е никогаш воспоставен ваков механизам, и дека тоа и е изговор на другата страна да е глува за нашите барања. Нормално е дека неможе од улица директно барањата да стигнат до масите на оние кои одлучуваат, за немањето разработен начин таму да се донесат прави ние да имем „непостоечки соговорник“ како што го окарактеризираа и со тоа ни се исечени сите шанси за дијалог.
Надворешна контрола?
На темата надворешна контрола, проф. д-р Калајџиев рече дека можеби и не е толку добра идеја, затоа и кога ви се формирало такво тело, како и секое е составено од луѓе и е подложно на корупција, а и составот на телото дури и да успееме да донесеме закон за негово формирање, сигурно би бил од луѓе кои се блиски до власта, и така пак би се завртел кругот.
Не можам да кажам дека тоа нема смисла и дека не е така.
Затоа заедно со проф. д-р Најчевска рекоа дека одговорноста треба да ја бараме баш во народниот првобранител затоа што тоа е вистинското тело кои може да ни помогне во овој случај ако функционира вистински независно.
Исто така, прокоментираа во однос на институциите во Македонија: велат, не само што институциите не функционираат, туку тие не се ни воспоставени.
За да почне да функционира правната држава, треба да ги креираме институциите и стандардите по кои ќе се водат.
Македонскиот црно-бел свет
По излагањето на проф. д-р Најчевска која зборуваше за одговорноста на народниот првобранител во целиот овој случај и воопшто сите слични, г-динот Танушески и се обрати со: „Колку што знам вие сте член на политичка партија, што сигурно има влијание на вашите судови“ (парафразирам), на кое публиката заедно со проф. д-р Најчевска остро реагираа дека не сме дојдени тука за тоа, и дека на сите ни е преку глава од истото па истото.
Додека траеше нивната жолчна дебата во следните неколку минути, не ми излегуваше од глава:
Како јас како, како обичен граѓанин да учествувам во креирањето политики кои влијаат на мојот живот и живото на другите, како да придонесам за подобро општество кога во Македонија се се сведува на борба помеѓу двете најголеми партии, кои не затвараат во нивните црно-бели ѕидови?
Излезе дека тоа прашање не се врти само во мојата глава. Откако беше продускутирано, заклучено беше дека се што имаме во овој момент е само да сме упорни.
Кога сме веќе кај ѕидовите кои ги градат партиите околу нас и пасивноста на народот, се постави прашањето: Зошто еден ваков случај кој е очигледен и јасен, во кој се работи за нешто што не допира сите – вредноста на човековиот живот – зошто не излегоа сите, родителите, постарите?
Прочитајте го, затоа што ја има поентата дека иако промените можеби не се очигледни за сите подеднакво, не значи дека не се итно потребни.
На видеото подоле ова прашање и како да го го менуваме општеството.
И последно, но воопшто помалку важно, се зборуваше за снимките од плоштадот. Од публиката една госпоѓа креваше рака и бараше збор од почетокот, но можност доби скоро на крај. Ако се сеќавам добро се представи како професорка која предава на постдипломци предмет поврзан со снимките како доказен материјал. Запраша каде се снимките од плоштадот? Покрај државните камери, таму има и камери од приватни фирми како Т-Мобиле кои би можеле со налог да се земат без никаков проблем. Дури мислам дека спомнам и некоја точна бројка на камери. Понатаму г-ѓата продолжи дека во Велика Британија видео материјалот како доказ е „доказ над доказите“.
Заменикот народен првобранител беше запрашан дали може да се побараат, по што тој рече дека тоа не е во негова надлежност.
Кога г-ѓата го запраша дали во деновите кога истрагата била кај нив, затоа што заменикот народен првобранител се пофали дека направиле се што можеше, дали ги побарале снимките?
Одговорот очекувано беше – не.
Заклучок
Јас сум малку збунета. Се трудам да не се обесхрабрам од ѕидовите на кои наидувам, и ме држи да се борам тоа што немам никаква задна намера, а нешто почесно од борба за вистината нема. Знам само дека никогаш не треба да се откажеме да се бориме за достоинствен живот и тоа сите да сме еднакви пред законот.
Малку ми доаѓа преку глава од тоа што моите сограѓани не се наоѓаат навредени од сите овие политички игри и не сакаат да се изборат за слободна Македонија, Македонија во која имаш право да избереш и под (в, а не само под (а и под (б.
Знам дека заедно можеме.
Од како го прочитавме „Одговорот“ на поканата за учество на дебатата постојано ни се наметнува прашањето: Има ли граници ароганцијата и дрскоста на министрката Јанкуловска? Таа би сакала нашата покана да ја сфати како „оградување од досегашните протести, невистинитите обвинувања, навреди и клевети…“. Но, дури и така сфатена, нашата покана не ги задоволува нејзините критериуми, па си дозволува да не поучи дека „вистинското оградување би требало да биде во најмала рака во форма на извинување и благодарност до сите „тигри“ и „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“ и слични акции.
Јанкулоска, сосема го игнорира образложението за целта за организирање на дебатата. За неа нема потрба од дебатирање за негативните појави, бидејки во нејзината перцепција такви не постојат. Во незината перцепција постои „демократски изразена волја на граѓаните кои по шести пат својата подршка ја даваат за опцијата за која сметаат дека им нуди подобра иднина“. Во нејзиното резонирање не постојат негативни случувања. Секоја иницијатива што има цел да укаже на такви појави е насочена против „легитимно изразената волја на граѓаните“, секој иницијатор е во служба на Бранко Црвенковски, а секој интелектуалец што ќе се дрзне да учествува во дебатата ќе биде ставен во наводници…
Во перцепцијата на министерката, невладините организации треба да организираат манифестации преку кои ќе ги величат заслугите и успесите на владата, или ќе организираат протести против опозицијата за одбрана на „демократски изразената волја на граѓаните“.
Не, госпоѓо министерке! Ние не се оградуваме од досегашните протести. Нашите протести имаа конкретен повод. Можеби за време на протестите имало и навреди кон „тигрите“ и „алфите“, но игнорантскиот однос и вашата индолентност кон нашите настојувања за поголемо почитување на човековите права и за начинот на изразување на револтот кај младите, потврдува дека вие сте таа што треба да им се извинете, зашто токму со таквиот однос допринесувате да бидат поистоветувани со „џелати“ и „убијци“.
Кога веќе министерката инсистира на извинување, единствено можеме да се извиниме што во поканата и определивме улога на клучен говорник. Од „одговорот“ се гледа дека тешко ќе можеше да се справи со таквата улога.
Сепак, со големо жалење можеме да констатираме дека Јанкулоска повеќе претпочита да гледа филмови, од колку да присуствува на дебати. Очигледно ние не сме во нејзиниот филм! Но, сите оние кои протестираат нема да заборават, и овие прашања ќе ги поставуваме и понатаму, и ќе ги потсетуваме постојано институциите кои, сега и во иднина, се, и ќе бидат задолжени да ги решаваат ваквите случаи.
На крајот, кога веќе не пропуштате можност секогаш да не прилепите до Б.Ц. и неговата партија, јавно ве прашуваме: Чуму таквите прашања и квалификации министерке? Зарем мислите дека вие и тој сте поразлични во нешто, со сето она што и го правевте и правите на оваа држава? Затоа ве молиме, во иднина, таквите прашања поставувајте му ги на Б.Ц. лично, бидејки очигледно кога толку често го споменувате вие имате почеста меѓусебна комуникација со него одошто било кога нашето движење.
Во продолжение следи одговорот на поканата за учество на јавната трибина од страна на МВР:
Предмет: Одговор
Почитувани,
Вашиот допис би сакале да го сфатиме како оградување од досегашните протести и невистинитите обвинувања, навреди и клевети, бидејќи се сомневаме дека некој би сакал да седи на иста маса со „убијци“ или „џелати“. Сепак вистинското оградување од омаловажувањата и неоснованите квалификации би требало да биде во најмала рака во форма на јавно извинување и благодарност до сите „тигри“ или „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“, кој беа убиени кај ПМФ и кои учествуваа во безброј акции за заштита на нашата безбедност.
Министерството за внатреешни работи, го виде јавниот повик на Бранко Црвенковски за мобилизирање на сите невладини организации и „независни“ интелектуалци против демократски изразената воља на граѓаните кои по шести пат на избори својата поддршка ја даваат за опцијата која сметаат дека им нуди подобра иднина. Свесни сме дека безидејноста и катастрофалните резултати зад себе, може да доведат до уште поголем очај, но тоа нам не ни дава право да бидеме дел од ничии сценарија.
Министерството за внатрешни работи ќе остане отворено и ќе продолжи да работи во служба на граѓаните. Во рамки на определбата за транспарентност и отчетност во работењето, како што знаете, за прв пат организиравме отворен ден на кој сите граѓани можеа да се информираат и да ги изнесат своите сугестии и мислења околу полициското работење. Ви благодариме за вашиот интерес во врска со проектот „Отворен ден“ и сите ваши сугестии и мислења сериозно ќе бидат разгледани.
Во име на Движењето против полициската бруталност, имаме за чест да Ве
поканиме на првата јавна трибина, на тема Преку граѓански активизм и реформа
на Министерството за внатрешни работи до подобро општество.
Целта на организирањето на оваа јавна трибина е да ги анализира и
дебатира последните случувања во јавноста, позитивните и негативни страни
кои доведоа до првите посериозни граѓански протести и барања за реформи во
Македонската полиција, и поголемо почитување на човековите права. Начинот на
изразување на револт кај младите и брањата за промени во системот, се дел од
прашањата кои ќе ги поставиме при дебатирањето.
Во самиот концеп на јавно дебатирање, предвидено е да се обратат различни
чинители и експерти, блиски до темата.
Настанот ќе се оддржи во ГЕМ Клубот (во старата чаршија) на 10-ти ноември,
со почеток од 18:00часот.
Сметаме дека организирањето на ваква дебата е од полза и за понатамошното
интегрирање на нашата држава во Европскота унија, со оглед на препораките
кои ги добиваме во неколку последователни извештаи на Европската комисија,
за напредокот на нашата држава кон пристапувањето во ЕУ, а се однесуваат на
работата на полицијата, почитувањето на човековите права, транспарентноста и
зголемувањето на сигурноста и безбедноста на граѓаните.
Агенда:
18:00-18:15 Вовед: Тамара Атанасоска – претставник од Движењето „Стоп за
полициска бруталност“
18:15-18:30 Гордана Јанкуловска – Министер за внатрешни работи |tbc|
18:30-18:45 Трипун Танушески Заменик народен правобранител на Република
Македонија
18:45-19:00 Мирјана Најчевска – професор и активист за човекови права
19:00-19:15 Гордан Калајџиев – професор и претседател на Македонскиот
Хелсиншки комитет
19:30-20:00 Дебата
07-10-2011
Сведок на убиството на Мартин Нешкоски
Ениса Еминовска
5 Јуни! Парламентарни избори во Македонија. Работев во Мисијата на ОДИХР/ОБСЕ за набљудување на изборите во земјата. Некаде околу 23:00 часот се приклучив на Баскерфест на градскиот плоштад во Скопје, не по работна должност. Требаше да останам во центарот на градот бидејки бев на дежурство од 02:00 – 08:00 часот на 6 Јуни. Стоев со пријатели до една од музичките бини на баскерфест. Помалку од стотина метри од местото каде Мартин беше убиен.
Кратко после полноќ, додека стоев со пријателите одеднаш забележав како двајца трчаат. Веднаш сфатив дека едниот бега а другиот го брка. Излегоа со трчање од толпата каде ВМРО-ДПМНЕ ја прославуваше изборнатa победа. Трчаа во правец кон мене. Ме одминаа во трчање.
Помислив дека од некоја страна ќе се појават другарите на едниот, другарите на другиот и во очекување на таков инцидент му реков на пријателот до мене: “ Да се тргнеме од овде, ќе има гужва”. Немаше време ниту да се тргнеме, ниту да насетиме што ќе се случи. Мартин падна на плочникот. Не верувам дека падна на начин кој би го чинел живот. Убиецот веќе беше зад него. Серија тупаници во главата и серија клоци по телото додека убиецот сфати дека Мартин не се брани. Моментална паника кај убиецот. Го зеде телото на Мартин и го тресна на металната клупа пред штандот на Форнети. Видов како главата на Мартин неконтролирано отиде наназад. Убиецот зеде шише вода и го посипа телото. Немаше никакви знаци на живот. Се приближи второ лице во цивилна облека. Среден раст, црна коса. Проверуваше дали има пулс или некакви знаци на живот.
Дојдоа униформирани службени лица. Двајца од нив го зедоа телото на Мартин и го одвлечкаа низ тревникот се до камената шахта пред паркингот на МЕПСО. Го одвлечкаа телото во вертикална положба. Верувам за да не создадат паника меѓу очевидците. Додека го преместуваа телото на Мартин, го свртев погледот во обид да го лоцирам убиецот. Забележав како слободно се одалечува од местото и како униформирана полиција му дозволува слободно да си замине. Во тој момент му реков на пријателот: “Како си оди убиецот слободно? Зошто го пуштаат да си замине? Овој не е обичен граѓанин, овој има ли дозвола да убива?!”
Забавата на Баскерфест продолжи, и покрај тоа што сите видовме убиство! Не престана музиката, не престанаа перформансите, не престана веселбата.
Телото во темници лежеше додека гледавме огномет, веројатно поврзан во изборната победа. Прославата на партијата заврши многу набрзо после убиството. Славениците си заминаа многу тивко. Речиси како да немало победа, како да немало прослава…тивко во колони си заминаа.
Додека телото лежеше потпрено на бетонската шахта, се приближив да видам што се случува. Брзата помош доцнеше. Впрочем, дојде половина час после убиството. Не сакавме да веруваме дека момчето не е живо. Брзата помош си замина. Телото на момчето остана, со една разлика – сега беше покриено со црн најлон.
Телото го чуваа 4-5 униформирани полицајци. На паркингот имаше полициско возило. Полициските службеници направија обрач околу телото, не дозволија никој/а од нас да се приближи доволно блиску, ниту да праша што се случува.
01:50 – Службениците во комби. Телото на тревник. Дојде бело, цивилно возило. Излегоа сите службеници од комбито. Се ракуваа со двајца кои излегоа од белото возило. Почнаа да сликаат! Тогаш, и само тогаш моравме да прифатиме дека момчето не преживеало.
**********************************
Забелешка: Официјално сведоштво е дадено во Основниот Суд II во Скопје. Текстот напишан овде, не е идентичен со сведоштвото дадено во Суд бидејќи е пишуван подоцна.
Како движење против полициска бруталност, револтирани сме од исходот на истрагата и изготвениот обвинителен акт против специјалецот Игор Спасов, теретен за убиство на младиот Мартин Нешкоски.
Обвинителниот акт, со чија содржина сме запознани, сметаме дека не соодветствува со тежината на кривичното дело кое специјалецот го извршил! Протестираме и за начинот со кој не се бара проширување на истрагата и повикување на командна одговорност! Протестираме зашто истражниот судија не ги повикал и сослушал сите сведоци кои сами се пријавиле во полиција и посакале да сведочат. Протестираме зошто обвинителот не ја проширил истрагата и бараме одговори зашто освен Спасов, останатите соучесници се прикриени. Зошто обвинителството не побарало од надлежните органи и МВР да ги прегледа видео снимките од поставените камери на скопскиот плоштад, од кобната вечер.
Ние сме револтирани од целокупниот тек на истрагата, револтирани и гневни кога гледаме дека и во оваа фаза, правдата е селективна и се настојува да се релативизира целиот случај! Ова е уште еден пример во низата недоследности кои го карактеризираат овој случај од самиот почеток, се` со цел да се заштитат одредени учесници и побрзо да се заташка истиот, во кој единствениот посочен виновник е во улога на жртвено јагне.
Гневни, револтирани и со апел за не селективна правда и изнесување на останати детали, утре (петок, 7 октомври) во 13:30 часот пред Основното јавно Обвинителство ќе оддржиме прес конференција, а во 13:30 часот, како резултат на недоследностите и неправдата ќе направиме обрач околу зградата на Јавното обвинителство и на тој начин искажеме нашиот револт.
Ве покануваме на Прес конференцијата на движењето и проследување на акцијата „Обрач околу Обвинителството“ и информирање на целокупната јавност.